–Никаков реципроцитет, Бугарија сама кажува дека не го признава јазикот, а ние го признаваме бугарскиот јазик. Бугарија дава изјави дека за нив македонскиот јазик е некаков дијалект на бугарскиот и тоа го оправдуваат на некој хегемонистички начин но би рекол, но тоа е нивната политика и тоа не треба да нè изненадува, тие си имаат стратегија, си имаат план и гледаме дека тоа си го исполнуваат. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Вечер прес“.

Еве што друго изјави Мицкоски.

Заклучоците за францускиот предлог поминаа во Собрание, изгласани со 68 за и ниту еден глас против. Вие бевте предводници на граѓанските протести кои се одржуваа повеќе денови наназад, а кои беа поддржани не само од опозицијата туку и од голем број независни граѓани. Зошто на крајот, наместо да го дадете гласот против, одлучивте да ја напуштите седницата?

–Заклучоците не се однесуваа на францускиот предлог бидејќи францускиот, или последниот, или модифицираниот предлог или не знам веќе кој предлог не беше пред пратениците за да може врз основа на него да може да се произнесат и да може да кажат дали е тоа во ред, бидејќи тој не беше комплетен, затоа што го немавме во тој момент сè уште протоколот на маса. Имаше шпекулации, имаше претпоставки, но ниту во еден момент го немавме протоколот на маса, што самото по себе претставува скандал, бидејќи избраниците на народот ги терате да се произнесат по некаков си документ. Предлог-заклучоците се еден лист, лист и половина хартија каде што Собранието им вели на министрите во владата да носат кошули… какви ќе бидат тие кошули, дали ќе бидат со копчиња, со кратки или со долги ракави – тоа не е дел од тоа што го предлагаат.

Така што првата брутална измама што е направена од нашата влада, после мега измамата што ја направија кога кажаа НЕ, а подоцна го прифатија истото за кое што стигна потврда и од бугарска страна дека се работи за истиот предлог, следуваше оваа втора измама каде што на пратениците од власта и оние поддржувачи кои кренаа 68 гласа ЗА им беше на маса ставено нешто коешто немаше никаква врска со нешто што се нарекува последен предлог. Но, од друга страна, не можам до ден-денес да поверувам дека опозициските пратеници, кои себеси се декларираат како опозиција во парламентот и тука, пред сè, мислам на онаа опозиција што е против владините политики, што ги гласаше овие заклучоци. Затоа што се поставува прашањето, ова не го отвора патот кон Европската Унија, бидејќи Владата е таа која што носи одлуки. Владата тогаш само ги злоупотреби пратениците во парламентот и во јавноста претстави дека еве тие гласале за некаков предлог кои тие претходно го прифатиле. Се гласаше за нешто коешто нема суштина, а суштината е тоа што дека владата прифатила асимилаторски договор со Бугарија, којшто потоа беше преточен во последен предлог што дел од јавноста го нарече модифициран.

Ние не учествувавме во гласањето, иако учествувавме во дебатата за да може јавноста да го слушне нашиот став поврзан со тој последен предлог кој нема врска со заклучоците и со овој памфлет што го изгласаа 68 пратеници, и тоа е јасно дека е не и неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа што не бевме во моментот на гласање е само заради тоа што не сакавме да дадеме легитимитет со нашето присуство на нешто коешто го гласаа пратениците. И тоа е јасно дека е НЕ и дека е неприфатлив за ВМРО. Имаме парламентарно мнозинство, кое кога требаше довербата на владата, кукавички ја напушти дебатата и да елаборира зошто треба оваа влада да остане, и сега овие 68, во којшто има дел од пратеници од опозицијата, велат зошто ВМРО-ДПМНЕ не било, ВМРО-ДПМНЕ нема да легитимира неправеден и ненароден чин.

За каков реципроцитет во протоколот зборуваме кога Бугарија и вечерта пред меѓувладината седница ни испрати документ со кој не го признава македонскиот јазик?

–Никаков реципроцитет, Бугарија сама кажува дека не го признава јазикот, а ние го признаваме бугарскиот јазик. Бугарија дава изјави дека за нив македонскиот јазик е некаков дијалект на бугарскиот и тоа го оправдуваат на некој хегемонистички начин но би рекол, но тоа е нивната политика и тоа не треба да нè изненадува, тие си имаат стратегија, си имаат план и гледаме дека тоа си го исполнуваат.

Проблемот е што кај нас има отсуство на државотворен капацитет, кај нашите политичари. Па дури и Бујар Османи си го исполнува тоа што си го има зацртано, а тоа е Албанија да ги почне преговорите и да оди напред. Јас се чудам на Димитар Ковачевски и на останатите министри во Влада, за кои повторно ќе кажам, аздисаноста по пари, тендерите, криминалот им се заеднички именител и подготвени се преку сè да поминат за тоа да го сочуваат. Национално тотално исплакнати ликови, тие не може да бидат државници и не може да ја водат државата напред и можат само дополнително да го компликуваат процесот и да стагнира државата како што стагнира, бидејќи ние не ги почнуваме преговорите, па дури и на нив.

Ние преговорите ќе ги почнеме и ќе ја усвоиме преговарачката рамка тогаш кога ќе го смениме Уставот.

Во тек се консултации дали може да се распише референдум, имате ли план Б ако не се спроведе оваа инцијатива?

-Консултациите траат и ќе траат дали референдумот ќе биде консултативен, задолжителен, кога да се одржи, дали со оваа влада или со некоја друга демократска влада, ќе треба да ја анализираме оваа идеја за да ја бетонираме заедно со граѓаните нашата позиција околу сево ова што ни се случува. Но да бидам уште попрецизен, сите овие процеси, билатералниот договор и протоколот, промената на Уставот, усвојувањето на преговарачката рамка се сами по себе некако различни но поврзани. Преговарачката рамка не може да биде усвоена без да се случат уставните измени, а ако не се случат уставните измени, тогаш Бугарија нема ништо, ние не преговараме, не отвораме кластери, но и Бугарија нема ништо, и затоа браникот на Уставот се пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозициски пратеници. И тука граѓаните треба да се сигурни.

Кога зборуваме за референдум, ние зборуваме за преговарачката рамка, односно за спорниот дел, а тоа е членот 5, алинеја 4 , којшто се повикува на билатералниот договор со Бугарија, членот 12 од истиот којшто, пак, е поврзан со протоколите што се потпишуваат еднаш годишно. Тоа е спорно за нас и тоа претставува потенцијална опасност дека ние во иднина повторно ќе имаме вето од Бугарија, доколку не промениме учебници под диктат на Бугарија. Тука се фокусираме во делот на референдумското изјаснување на граѓаните: Дали да се прифаќа или да не се прифаќа оваа содржина на преговарачката рамка, инаку за Уставот никој не спомнува опција за референдум. Уставот – браникот се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, затоа што во јавноста има инструирани провладини гласноговорници кои имаат различен став од нас за референдумот, па викаат еве сега се бара алиби за промена на Устав. Но не е тоа идејата, чувари на Уставот се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е сосема нешто друго, ова е дали заедно со граѓаните, ние овој текст на преговарачката рамка ќе го прифатиме. Ако не го прифатиме, тогаш на Брисел ќе му кажеме – извинете на референдум излегоа толку и толку граѓани – овој текст не го прифаќаме ќе мора членот 5, алинеја 4, да го тргнете и да останат членовите кои се повикуваат на копенхашките критериуми и критериумите за процесот на стабилизација и асоцијација. А за билатералните спорови да биде исто како и за останатите 26 земји членки, сега плус Албанија, да си биде исто и за нас.

Го обвинувате ДУИ за предизвикување трајна штета во односите меѓу Македонците и Албанците. Доколку утре победите на избори, а во албанскиот блок ДУИ освои најмногу пратеници, ќе коалицирате ли со Ахмети по принципот победник со победник?

-Ние сега зборуваме дали ќе го имаме условот Бадинтер или нема да го имаме. Доколку условно, ДУИ е политичката партија, којашто убедливо ќе победи, и нема никакви поинакви можности да се надомести условот Бадинтер, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме и тука немаме никаква дилема, и на тој начин ќе го сочуваме идентитетот, но ќе побараме од ДУИ да се коригира во своите постапки затоа што јас сум убеден дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ, ќе има повеќе од 61 пратеник, односно ќе имаме самите мнозинство. Но ако имаме друга можност, сценарио кое јас го посакувам, со албанските опозициски партии и други политички партии, тогаш ДУИ редно време е после повеќе години на власт да замине во опозиција.