Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претседателот Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски, заедно со генералниот секретар на Европската Федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез изминатите неколку дена остварија серија средби со првите луѓе од клучните институции во Македонија.

Работни состаноци беа одржани со премиерот Христијан Мицкоски , претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за правда Игор Филков и со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас.

На средбата со претседателот на Владата и претставници на неговиот кабинет, Чадиковски и Гутиерез отворија важни прашања за унапредување на условите за работа на медиумските професионалци и усогласување на законската рамка со европските стандарди. Се дискутираше за подобрување на условите за медиумските работници, потребата од транспарентност и инклузивност при изработката на закони што ќе го унапредат медиумскиот сектор и ќе ја заштитат слободата на изразување, како и за потребата од создавање на Анти СЛАПП механизми, фонд за медиумски плурализам, кои ќе придонесат за создавање на стабилна и праведна медиумска околина.

Во Собранието акцент беше ставен на актуелните состојби со медиумскиот простор во земјава и за важноста од понатамошно унапредување на слободата на медиумите и независноста на новинарите. Од страна на ЗНМ беше нагласена потребата од професионален пристап при изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), процес кој е во тек како и потребата во ова важно тело да има претставник на новинарската заедница. Тие апелираа при селекцијата да се имаат предвид критериумите за професионалност и независност на кандидатите.

На средбата со министерот за правда покрај актуелните предизвици со кои се соочуваат новинарите при вршење на нивната работа, се разговараше за СЛАПП тужбите кои создаваат притисок кај новинарите, финансиски и психолошки и го поткопуваат јавниот интерес, како и за потребата од заедничка соработка за правни реформи во согласност со европските стандарди.

Амбасадорот Рокас и неговите соработници беа информирани за потребата од механизми за заштита на новинарите од злонамерни тужби кои ја нарушуваат медиумската слобода, за фондот за медиумски плурализам што ќе обезбеди финансиска стабилност за независните медиуми и ќе го заштити јавниот интерес, а беше побарана и континуирана поддршка и помош од Делегацијата на ЕУ за унапредување на медиумската слобода и демократските вредности во земјава.

Овие средби претставуваат значаен чекор кон унапредување на медиумските слободи и зајакнување на демократските стандарди во Република Северна Македонија.