Ги отворивме широко вратите за новата година која веќе зачекори нашите домови. Веруваме во подобро утре, веруваме дека 2021 ќе биде поубава од годината која ја испративме и дека ќе ни ја исполни на сите нам најголемата желба.
Овој пат за желбите во новата и сеќавањата од старата година поразговаравме со Златко Јовановски.
Попознат како „JZJ“, под името кое го носи и неговиот моден бренд, Златко Јовановски важи за еден од најхрабрите модни дизајнери на македонската сцена.
Како перфекционист во својата работа и дизајнер за кој не постојат граници во креирањето ги преплави светските магазини во измината 2020 година, а негови креации носеа светски познати имиња.
Крунисан за неговата работа, Јовановски со своите креации им дава храброст дамите да го носат на себе тоа што отсекогаш го посакувале за еден за нив посебен ден.
Го прашавме што ја одбележа неговата 2020 година на личен план?
Веќе изминатата 2020 година мене ми ги донесе најголемите светски успеси во мојата кариера а со тоа и уште поголемо сјаење на мојата невидлива круна. Ќе се дрзнам тоа вака да го срочам – многу дизајнери од светот сонуваат да бидат во такви престижни магазини и да облечат некогаш некое светско име.
Во мојата кариера од годинава се вбројуваат насловна на магазинот „Her world magazine“ co мега популарната Ава Макс, креации од мојот бренд во магазинот „Harper’s Bazzar“ во Виетнам, „Scorpio Jin Magazin“ во Америка, и уште неколку фотосесии со познати имиња од светот.
А што очекува Златко од новата година?
Од оваа година посакувам да се вратиме на нашето старо “нормално”. Се надевам дека ќе создаваме креации без заштитни маски и ќе можеме со секој кој го познаваме да се поздравиме и прегрнеме ако го сретнеме на улица, а не само да му мавнеме од далеку.
Очекувам од себе да продолжам да се трудам на креативен и професионален план и да продолжам да верувам во себе како и до сега. Верувајте и вие во себе- затоа што само така сонот станува реалност.