Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика светот да ги осуди псевдореферендумите организирани од Русија кои во моментов се одржуваат на четирите територии. Во своето секојдневно обраќање до нацијата, Зеленски рече дека е убеден дека „светот ќе реагира правилно на псевдореферендумите“ и дека тие ќе бидат „јасно осудени“.
„Оние кои се насилно мобилизирани во руската армија треба да ја саботираат секоја активност на непријателот, да и дадат на Украина важни информации за базите на окупаторот, штабовите, складиштата за муниција и да се обидат да стигнат до слободната територија на Украина во секоја прилика“ – рече Зеленски.
Зеленски им порача на луѓето кои живеат под руска окупација: „Спасете ги вашите животи, помогнете ни да ги ослабиме и уништиме руските окупатори“. Во провинциите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје од 23 до 27 септември се одржуваат референдуми со цел тие делови на Украина да се припојат кон Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин направи слично нешто во 2014 година кога го анектираше Крим, а потоа спроведе нелегитимно гласање кое беше осудено од меѓународната заедница.