Нема да има преговори меѓу Украина и Русија доколку Москва спроведе фарса од судење на украинските воени затвореници, изјави претседателот Володимир Зеленски.
Коментарите на Зеленски доаѓаат по информацијата дека се планира судење на заробените украински борци во градот Мариупол, што сега е под контрола на руските трупи и на проруските сепаратисти.
„Доколку се случи таква лакрдија од судење, ако нашите луѓе бидат вовлечени во такво сценарио спротивно на сите договори и меѓународни правила, ќе се премине линијата по која ќе бидат невозможни какви било преговори. Русија ќе се оддалечи од преговори. Повеќе нема да има разговори”, рече Зеленски во обраќањето пред јавноста.
Британските разузнавачки служби сметаат дека на Русија тешко и оди мотивирањето на војниците од сепаратистичките региони лојални на Москва. На денешниот брифинг британското Министерство за одбрана соопшти дека кога станува збор за командните офицери на сепаратистите, тука руската страна ќе се потпира врз директна финансиска поддршка, додека кога станува збор за борбените единици проценките се дека руската страна не може многу да смета на нив кога се работи за офанзивни воени операции.
Извештајот се повикува на видео-снимка што се шири преку укаинските социјални мрежи, на која борци од самопрогласената Луганска Народна Република во источна Украина одбиваат учество во офанзивни операции во регионот на Доњецк.
„Борците велат дека ја исполниле својата должност – обезбедување контрола на Луганската Народна Република врз целиот Лугански регион што беше постигнато минатиот месец – и одбиваат да се борат во регионот Доњецк и покрај заканите и заплашувањата од нивните команданти”, се наведува и во извештајот.