Само во изминатите три години, 35 нови странски фирми, компании, инвестирале во нашата држава, изјави премиерот Зоран Заев.
-Во 2018 година го надминавме рекордот на странски инвестиции, со 625 милиони евра нето странски инвестиции, со девизен прилив во државата. Во 2019 година, над 300 милиони евра. Оваа година се случи корона кризата, сепак имаме 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување на договори или во фаза на преговори. Една е инвестицијата на Кромберт и Шуберт, со сосема нов погон, инвестиција, дуплирање на сите капацитети низ територијата на целата држава. Дополнително, нова инвестиција е Дура, поголема од 100 милиони евра, Магна во Струга, Костел со втората инвестиција во државата, и многу други странски компании, потсети премиерот Заев.
Тој потсети и дека 400 домашни компании добија поддршка од 17,3 милиони евра од државата, за нови инвестиции за време на КОВИД-19.
Премиерот Заев информираше и за фирми со кои во моментов се преговара, а меѓу нив се Генерал Електрик Инвестмент за инвестиции во гасна електрана во Битола за изгрдаба на 800 мегаватна електрана вредна 400 милиони евра, како и за ТЕЦ Неготино, за што има заинтересирани повеќе од 50 инвеститори.
Тој информираше дека заврши и рокот за доставување на понуди за огромниот проект Чебрен. -После 11 години неуспешни обиди на претходната власт, сега има 10 понуди, од големи компании од шпанското, француското, грчкото електростопанство, ЕВН заедно со австриска компанија, а има понуди и од турска и кинеска компанија. Станува збор за проект вреден меѓу 600 и 800 милиони евра, додаде Заев.