Премиерот Зоран Заев негира дека само 16% од буџетот отишле за албански проекти, нешто што го тврдеше државниот секретар во Министерството за култура. На прашањето во врска со ова, Заев го извади мобилниот од џеб и почна да чита колку пари добиле албанските проекти во различни дејности.

Заменик министерот за култура, Седат Сулејмани не сакаше да зборува во проценти, но тврди дека буџетот кој е издвоен за албански проекти е многу под 25% како што тврди Заев.

„Сега тоа е нивна интерпретација. Многу е лесно да кажеме проценти и да му ја префрлиме топката на некој друг, но тоа не е реалноста. Значи ние ги имаме анализирано сите проекти еден по еден, кои се албански, кои македонски, кои се други корисници, не излегува тој процент! Многу е подло.“, вели Сулејмани.

Сулејмани вели дека пресметките за тоа кои проекти се за албанската култура а кои за другите, ги направиле врз основа на тоа кој е носител на проектот. Исто како и тој, со резултатите од конкурсот не се согласува ниту државниот секретар во Министерството за култура, Ваљмир Азири. Во законска неможност да се интервенира во процесот, бидејќи одлуката е во раце на министерката, двајцата бараат повторно разгледување. Сулејмани вели дека ќе се потруди да најде решение во рамки на Министерството, во спротивно, решение на проблемот ќе бараат на партиско ниво.

„Доколку не успееме со дијалог да го решиме проблемот во рамки на институцијата, тогаш тоа ќе се пренесе на партиско ниво и ќе видиме, ќе седнеме да се консултираме за тоа прашање на партиско ниво“, рече Сулејмани.