Премиерот Зоран Заев не ја достави оставката до Собранието која ја најави на 31 минатиот месец. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ како што најави достави иницијатива за гласање доверба на Владата. На неа, како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, потпишани се 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата, од коалцијата Алијанса/Алтернатива, од БЕСА и Левица.

-Во тек се интензивни преговори со уште неколку пратеници и очекуваме бројот на пратеници кои ќе гласаат да се зголеми. Што се однесува до пратеникот Скендер Реџепи, тој е чесен човек и неговата изјава е јасна дека ќе поддржи за пад на владата на СДСМ и ДУИ, изјави Николовски.

Тој сепак додава дека за нова влада или предвремени избори дополнително ќе разговараат со ситекои се потпишале на оваа иницијатива за гласање доверба.

Според Деловникот на Собранието, првиот човек на законодавниот дом има рок од три дена да закаже седница на која точка на дневен ред ќе биде гласање на доверба на влада.

Во случај да биде изгласана недоверба на Владата, тогаш ќе почне да тече рокот од 10 дена во кој претседателот на државата Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на нова Влада, на оној кој ќе му прикаже дека има мнозинство од најмалку 61 пратеник во Собранието или секако повеќе од 61.