Заев попладнево, во партиското седиште, му ја предал претседателската функција на Ковачевски, честитајќи му ја победата и посакувајќи му успешен мандат.

„Претседателе, ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста“, му рекол Заев на Ковачевски, како што информираат од СДСМ.

Ковачевски, пак,  од своја страна му се заблагодарил Заев за сиот негов придонес во водењето на СДСМ, но и на Владата во изминатите години, период во кој, како што се наведува, земјата стана членка на НАТО и постигна историски успеси.

„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ. Благодарам што оставаш во наследство партија која има најголем кадровски потенцијал. Сакам да ти посакам многу здравје, и среќа во личниот и во професионалниот живот“,му рекол Ковачевски на Заев.