Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски вчера ја посетија фабриката „Свислион“ во Ресен. Заев и Гошаревски заедно со генералниот директор Александар Јањиќ направија обиколка на фабриката.

Премиерот Заев рече дека нему му е особено драго кога е во посета на успешни економски приказни, како што е фабриката „Свислион“, тука во Ресен.

-Имав можност да видам како тука се работи и да слушнам кои се ефектите, кои оваа фабрика ги има врз економскиот развој на Ресен, но и пошироко на Преспа. Оваа фабрика денес има 292 вработени, тука во Ресен, а на ниво на цела држава вкупно 600 работници.  Мене ме радува, што тука нема да се застане и оваа фабрика само ќе расте во иднина, рече Заев, соопшти вкадината прес-служба.

Тој истакна дека со раководството ја дели желбата за зголемување на бројот на работни места и со тоа поддршка на граѓаните од овој регион, како и за повторно заживување на преспанскиот регион и да го вратиме стариот сјај. Заев рече дека Свислион како општествено одговорна компанија имаат план да помогнат и да придонесат кон зајакнување на туристичката понуда на Преспа.

-Ова е секако во согласност со Владиниот акциски план за ревитализација на Преспанското Езеро, кој во третата фаза предвидува адаптирање на скапоцените туристички потенцијали и нивна соодветна презентација како туристичка понуда. Брендирањето на производите кои Ресен и Преспа ги нудат, афирмацијата на нашиот но и на странските пазари, придонесува понатаму и кон развој на овој регион, нивна препознатливост во светот, рече Заев.

Менаџментот на „Свислион“ го информирал Заев дека во наредниот период се предвидуваат и поинтензивни инвестиции во земјоделската дејност на компанијата, во висина од околу 2.700.000 евра.

– Фокусот на овие инвестиции е на реконструкција и опремување на ладилник, за набавка на комплетна линија за класирање и пакување на свежо овошје, за системи против замрзнување, градобијни мрежи и опрема за сушено овошје. Со тоа ќе се постигне уште поголема ефикасност на капацитетите на фабриката, а овоштарите ќе добијат уште подоверлив и сигурен партнер во оваа компанија, рече Заев, соопшти владината прес-служба.