Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев вечерва од Демир Капија ги повика граѓаните на 31 октомври да го заокружат бројот 12.

-На 31 октомври треба да го потврдиме напредокот, Демир Капија и сите други општини да продолжат напред, да не ризикуваме да скршнеме од патот и да се вратиме назад, а напред продолжуваме со заокружување на број 12, порача Заев.

-Ова не е борба само за тоа дали ќе победи СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ или кандидатите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе победат, ова е борба за да ја осигураме иднината, да го осигураме правецот по кој ќе се движи нашата општина, нашата држава, рече Заев.

Тој истакна дека сето она што е реализирано во овие четири години наспроти оние 11 години под режимот, е јасна разлика помеѓу концептот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

-За само четири години ги покачивме платите, пензиите и социјалната помош, стапката на невработеност е на 15,9 отсто, државата денеска е членка на НАТО а идентитетот наш македонски е признаен од целиот свет. И сето тоа за четири години од кои 20 месеци живееме во пандемија, а имавме референдум и парламентарни избори. Тоа мора да продолжи и наредниот период, затоа треба да сме обединети и мудри на 31 октовмри, да не дозволиме Демир Капија државата да се враќаат назад. Со нас знаете на што сте, со ВМРО-ДПМНЕ нема нова иднина, рече Заев.

Тој порача граѓаните да не дозволат да се вратат лагите, манипулациите, да се врати режимот назад.

-Затоа во недела да гласаме за број 12, за Лазар Петров за Демир Капија, да гласаме за 12 за победа и во Демир Капија и низ целата држава, повика Заев.