4.086 граѓани аплицирале на повикот за добивање ваучери со вредност од по 200 евра за престој во некој од хотелските капацитети во државата. Но, за разлика од ланската година, кога на располагање беа повеќе од 100.000 ваучери, сега тој број е само 1.250. Наменети се за домаќинства со ниски плати чии вкупни месечни примања во семејството не надминуваат 30.000 денари. Од Министерството за економија велат дека почнувајќи од 5 јули, биле издадени првите 500 ваучери.

Advertisements

„Согласно динамиката, на 12 јули Комисијата ќе ги подготви наредните 500 ваучери по принципот прв дојден – прв услужен, а до 16 јули ќе бидат издадени сите 1.250 ваучери“, наведуваат од Министерството за економија.

Тие ќе може да се искористат најдоцна до 30 ноември во некој од угостителските објекти за сместување објавени на веб страната на Министерство за економија. Хотелиерите пак, велат дека станува збор за многу мал број на ваучери кои речиси воопшто нема да му помогнат на домашниот туризам.

„…За жал мислам дека тие не се доволни и дека можеби бројката требаше да биде поголема, барем како лани. Ограничениот број на ваучери имплицира на тоа дека нема да биде голема помошта од нив, конкретно во нашиот хотелски комплекс“, рече Лејла Гогова-менаџер на хотел во Охрид.

Дополнителен проблем биле и сложените процедури за добивање на овие ваучери.

„…На почетокот се случуваа недоразбирања, па луѓето мислејќи дека се добитници на тие ваучери, се јавуваа и правеа резервации, за понатаму да се испостави дека треба прво да ја поминат процедурата, кој е прв – тој добива ваучер“, додава Гогова.

Ваучерите може да се искористат во 76 хотели и туристички агенции.

Мики Трајковски