Една драга марама со специфичен принт, стара 40-на години, е појдовниот креативен импулс за цела линија на чанти.
Од креативната работилница на модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева ни доаѓа нов проивод – линија на пратични и модерни чанти. Чантите се веќе во продажба, навреме, пред празничната сезона во која годинава, ако ништо друго, добро е да се потсетиме колку сме прекрасни.
Остана неуморна во работата и за време на коронакризата, се посвети на дизајнирање на линија на чанти, станува збор за нова идеја или за нереализирана желба од минатото?
– Ова е време кога сите сме ставени пред предизвик на еден или на друг начин. Целата оваа ситуација, особено во мојата професија, покажа дека некои работи мора да се променат, макар и на одредено време. Но креативноста не е привремена состојба – или ја имаш или ја немаш, а кога ја имаш, тогаш ја практикуваш во сè што правиш. Така беше и со мене, само ја пренасочив мојата креативност во друг правец што создаде кај мене една нова, возбудлива енергија која пак, создаде нови производи, на некој начин надоградување на мојата досегашна работа. Ова не е нова идеја, но земајќи предвид дека станува збор за специфичен производ од повеќе аспекти, никогаш не остануваше време да му се посветам доволно и да го реализирам. Перидот поради новата ситуација со коронакризата имав малку повеќе време од вообичаено, па го искористив да си ја исполнам желбата од минатото – линија на чанти, што навистина ме прави среќна.
Што те инспирираше за дизајните?
– Позната сум како тематски дизајнер и некој кој сака да раскажува приказни. Во мојата работа секогаш има „зошто”, така беше и во оваа приказна. Пробав да вметнам нешто лично и да дадам вредност на тоа што сум го создала. Најомилено парче во гардеробата ми е една јапонска свилена марама, добиена на подарок, чиј дизајн е стар повеќе од 40 години. Таа марама ја носев во различни комбинации, на врат, на рака, на чанта итн. Еден ден си помислив – толку многу ја сакам марамава, но ако продолжам толку често да ја користам, сигурно ќе има свој крај. Така почнав да размислувам како можам да ѝ го продолжам векот, и дојдов на идеја да ја скенирам, да изработам материјал со истиот принт и од тоа да направам чанти. Земајќи предвид дека е сепак специфичен производ, вклучив прекрасни луѓе во тимот и мајстор, кои ги изработија моите чанти.
На какви модели им даде предност?
– Станува збор за практични и модерни чанти. Едната е веќе познатата Tote торба која многу дизајнери ја пуштија во продажба- секој со своја приказна. Втората варијанта е мала чантичка што можеме да ја користиме кога немаме потреба да носиме премногу работи со нас. Достапна е во елегантна верзија со ланец рачка и во модерна верзија со поширок ремен на кој можат да се закачат модни додатоци. Третиот модел е со димензија за патување во авион, може да собере таблет, книга и останати лични работи што ги носиме со нас. Четвртата чанта е црна, со минималистички дизајн во циклама боја и конкретно за таа чанта се врзува слоганот GOrgeous (симболична кованица од името и презимето на креаторката, н.з). Всушност кога ќе ја отворите чантата ќе прочитате, како потсетување, You are GOrgeous.
Каде може да се купат чантите?
– Засега, нарачките ќе се прават онлајн, со кратко време на достава. Ова е нов производ кој во иднина сигурно ќе претрпи свои промени, па самата работа ќе покаже кој е најдобриот систем.