Ерупција на вулкан во источен Конго уби најмалку 32 лица и уништи повеќе од 500 куќи, соопштија денеска градските власти во Гома. Жителите велат дека скоро и да немало предупредувања пред мрачното небо да стане црвено, по што луѓето почнале да бегаат и да си го спасуваат животот.
Според локален службеник, повеќе од 10 лица загинале во сообраќајни несреќи при обид да избегаат од загрозената област, пренесува АП.
Ерупцијата на Мон Нирагонга во саботата вечерта принуди 5.000 луѓе да се евакуираат од 2 милиони жители на градот Гома близу границата со Руанда, додека други 25.000 луѓе побараа засолниште во северозападниот град Саке, изјави претставникот на УНИЦЕФ.
Се стравува дека повеќе од 170 деца се водат за исчезнати, а претставниците на УНИЦЕФ потврдија дека организирале транзитни центри за да обезбедат помош на 150 деца кои биле оставени без придружба на возрасните „за време на катастрофата“.
Воениот гувернер на провинцијата Северен Киву ги повика граѓаните да не испраќаат деца во училиштата, а аеродромите во Гома и соседниот Кавум беа затворени.
– Граѓаните на Гома мора да избегнуваат непотребно патување и движење по патот помеѓу Кибата и Гома, кој е пресечен од река лава ширина околу илјада метри – предупредуваат официјалните лица.
Гома беше уништена за време на вулканска ерупција во 2002 година, кога беа убиени стотици луѓе, а повеќе од 100.000 луѓе останаа без покрив над главата.
Овој пат, селата во близина на вулканот претрпеа повеќе, но надлежните предупредуваат дека вулканот е сè уште активен, како и дека се регистрирани земјотреси, па локалното население повикува на претпазливост и будност.