Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Белград разговараше со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, за актуелните настани во процесот на нормализирање на односите со Приштина, можностите за продолжување на дијалогот и изнаоѓање одржливи решенија. Ескобар изјави дека очекува динамично и конструктивно да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина за сите отворени прашања и сеопфатната нормализација на односите, соопштија од службата за медиуми на претседателот на Србија. Тој рече дека тоа е исклучително важно за граѓаните, како и за севкупниот мир, стабилност и напредок на регионот и дека се надева на брз крај на преговорите.

Вучиќ рече дека Србија е целосно посветена на продолжување на процесот на дијалог и решавање на отворените прашања меѓу Белград и Приштина и ја истакна важноста од спроведување на досега потпишаните договори во Брисел и почитување на меѓународното право, соопштија од претседателскиот кабинет. Ескобар вчера при посетата на Приштина побара од косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Аљбин Курти да ја одложат одлуката за замена на регистарските таблички. „Не е тајна дека побаравме подолг период на имплементација и побаравме уште 10 месеци. Би сакал ова да се случи. Ова не е барање само на САД, туку и на сите големи пет земји. И тоа е затоа што ние се земјите кои најмногу го поддржуваат Косово“, рече Ескобар.

Прикажи повеќе