„Вакцинацијата против коронавирусот почнува утре во домовите за стари лица. Тие се најзагрозената категорија, па затоа почнуваме со нив“ , изјави денеска српскиот претседател, Александар Вучиќ, и додаде дека вакцината е спас за човештвото.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ кажа и да некој од државниот врв ќе ја прими вакцината, без разлика дали тоа ќе биде тој, премиерката Ана Брнабиќ или министерката Дадија Кисиќ Тепавчевиќ и додаде дека „некои од посочените ќе ги остави за друга вакцина, за да ја поддржаат секоја вакцина, дека секоја е добра“.
Вакцините, рече тој, се набавени билатерално, независно, и Србија е веројатно единствената земја надвор од ЕУ, во овој дел, што успеа да набави одредени дози вакцини.
-Тргнуваме веднаш. АЛИМС (Агенцијата за лекови и здравствени средства) доби примероци од другите вакцини, тие ќе продолжат да си ја вршат својата работа, а потоа очекуваме поголеми количини. Вакцината е спас, вакцината го спаси човештвото, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека Србија се уште не може да се натпреварува со земјите од ЕУ, но потсети дека Србија дала два милиони евра како донација за програмата КОВАКС, за развој на вакцината.
– Очекуваме да добиеме вакцини преку таа програма, но се снаоѓаме и сами, рече Вучиќ, додавајќи да е важно што поголем број луѓе да бидат заштитени со вакцинација.
– Утре ќе почнеме во домовите за стари лица, бидејќи е важно да се заштитат овие луѓе. Кога ќе ги погледнете сите бројки и проценти, има и помлади луѓе кои долго чекале, особено мажи, но убедливо најголем број се оние над 80 години. Тие се најзагрозени и затоа треба да започнеме со нив, кажа Вучиќ.
Според него, „од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации“.
-Кога го велам тоа, мислам на стотици илјади, можеби дури и милион лица да вакцинираме до крајот на јануари, тоа е страшен успех, изјави Вучиќ.