Собранието попладнево, со 90 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, плус 20 гласови ЗА според „Бадентер“ во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.

Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.

Итната промена на Законот дојде откако вчера Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека возачките дозволи во кои не е новото уставо име Северна Македонија нема да важат после 12 февруари ни во земјава. Притоа, МВР предупреди дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.