Кога пред два месеци во пет средни училишта во Скопје се евакуираа учениците поради закана дека е поставена бомба, никој не очекуваше дека од тогаш учениците, вработените, родителите ќе живеат во постојан страв или паника дека новиот ден ќе донесе уште една дојава за бомба.
По извесно време заканите од средните училишта се префрлија во големите трговски центри, па во институции, хотели, спортска сала, стадион, а на крај дојдоа и основните училишта. Минатата недела цел беа основни училишта во скопската општина Аеродром. Медиумите објавуваа сведочења на ученици од прво, второ одделение кои различно ја доживеале евакуацијата. Некои плачеле, некои биле збунети, некои измислувале приказни за тоа што се случило. Секој реагирал различно.
Во ситуација на неизвесност кај децата и плачот и фантазијата се одбранбени механизми, вели Дора Попова Узуновски, психолог и гешталт терапевт во разговор за „Република“.
Во зависност од развојот на детето, стравот може да биде свесен, но некои деца на таа возраст може и да не бидат целосно свесни за ситуацијата и за тоа што значи дојава за бомба. Сосема е можно некои деца првпат во животот да се сретнале со поимот ‘бомба’, вели Попова Узуновски.
Попова Узуновски, која е основач на Центарот за применета психологија „Дора“ објаснува дека на таа возраст, генерално се уште работи само конкретното мислење кај детето. Тоа значи дека децата немаат го немаат развиено апстрактното мислење, а со тоа и целосната свесност за тоа што значи опасност по живот и страв од смрт.
Сепак, во позадина секако дека работи инстинктот за проценка на ситуацијата дека нешто не е во ред или дека постои нешто загрозувачко. Тоа значи дека и да не биле целосно свесни, атмосферата на страв околу нив ги навела на тоа да разберат дека нешто не е во ред и да се приклонат кон стадото и кон авторитетите кои би можеле да ги ‘спасат’ во тој момент. Стравот е нормална појава, бидејќи има за цел да го активира преживувачкиот систем во мозокот кој вели ‘бори се, бегај или смрзни’. Но, важно е да се каже дека во состојба на нецелосна свесност, можеби некои деца да не ја сфатиле сосема реално ситуацијата и почнале да креираат фантазии во својата глава кои може да имаат две значења. Едното значење може да се однесува на доживување дека им се случува нешто необично, нешто несекојдневно, нешто посебно, а другото значење може да биде и начин на одбрана од самата ситуација, вели Попова Узуновски, м-р на психолошки науки од областа на клиничката и советодавната психологија.
Кога училиштето ја добило заканата за поставена бомба, наставниците се обиделе без паника, да ги изнесат учениците од училницата, објаснувајќи им дека се работи за еден вид вежба. Некои од децата сфатиле, некои не, некои поверувале во приказната дека се работи за вежба. Дел од родителите подоцна кажуваа дека децата дома плачеле, дел пак дека нивните измислувале приказни.
Контролата на децата во реалноста е многу помала од таа на возрасните. Дојавата за бомба претставува изненадувачки момент кој нагло ја загрозува безбедноста и сигурноста на личноста. Тој изненадувачки момент претставува еден вид на траума. Луѓето имаат различни несвесни механизми како би се справиле со траума. Во случајот како што е дојавата за бомба, се соочуваме со една неизвесност. Не знаеме кога и дали воопшто ќе експлодира бомбата. Неизвесноста креира чувство дека се губи контрола врз ситуацијата. Во една таква состојба умот бара начин како повторно би воспоставил контрола. На истиот начин реагираат и децата. Поради тоа, плачењето не е нешто невообичаено. Плачењето е одговор на ранливост, повик за помош и заштита од страна на возрасните. Заштитата и воспоставувањето на чувството на безбедност би им дало на децата повторна контрола. Плачењето е израз на немоќ и на страв во дадениот момент. Од друга страна измислувањето на приказните е исто така еден вид на одбранбен механизам, кој претставува бегство во фантазијата и поради тоа не може да биде предмет на никаква замерка.
И плачот и фантазијата се одбранбени механизми. Не е невообичаено децата на пример во такви моменти да имаат фантазии за тоа како се суперхерои, како се справуваат јуначки со ситуацијата, како ги спасуваат другите врсници итн. Не е невообичаено ниту да раскажуваат приказни за тоа како се спасувани од страна на некои други суперхерои во нивните глави. На овој начин исто така стекнуваат доживување дека имаат контрола врз ситуацијата. Тоа е всушност нивната автентична потреба, да бидат спасени, објаснува Попова Узуновски.
Оттука се поставува прашањето зошто некои од децата измислувале приказни за она што се случувало додека траела евакуацијата. Според Попова Узуновски, најверојатно станува збор за фантазија на детето која имала функција на одбрана. Детето имало потреба од тоа да биде спасено и извадено низ прозор од страна на некои спасувачи.
Фактот дека раскажувало исплашено и со плачење само потврдува дека станува збор за одбрана. Сепак, важно е подоцна да се обрне внимание на тоа колку долго детето ќе остане во својата приказна или ќе се врати на реалноста. Доколку влијанието продолжува подолго време, или го блокира функционалното секојдневие на детето, тогаш родителите би требало да се обратат кај стручно лице. Сепак, во најголемиот дел од случаите, ментално здравите деца брзо се реадаптираат и забораваат на случката после кратко време, вели психологот Попова Узуновски.
Според неа, треба да се преземат неколку чекори при вакви реакции. Најважно е градење на чувство на сигурност и безбедност кај децата, но прво кај возрасните, бидејќи ако возрасните не го изградат во себе чувството на безбедност, ниту децата нема да ја имаат безбедноста.
Бројни ситуации во животот може да креираат чувство на неизвесност, а со тоа и на загрозеност, но важно е да се знае дека ние егзистенцијално постојано живееме во неизвесност, но рутината што ја креираме во текот на живеењето ни дава доживување на сигурност и предвидливост. Случка како што е дојава за бомба претставува шок кој го вади целосно човек од својата предвидливост и ги надминува неговите ментални капацитети за справување со ситуацијата. Тоа што е посебно важно е да се задржи приземјеноста, односно да се сочува ладна глава бидејќи само со рационалност човек знае како да размислува со цел да се спаси себе. Во паника тешко се размислува рационално. Но друго важно прашање кое треба да го поставиме е која е целта на оној што ја креира ваквата ситуација на страв и на неизвесност? Се разбира, тука е и одговорноста за безбедноста од страна на полицијата и на државата. Дали одговорните институции презеле соодветни чекори за обезбедување на населението? За ефектно да се делува мора двете страни да бидат подготвени. Луѓето може да научат како да се справуваат со ситуацијата, но важна е и одговорноста на соодветните институции, додава Попова Узуновски.
Според психологот Попова Узуновски, не е возможно целосно подготвено да се дочекаат вакви и слични ситуации.
Кога би биле подготвени, тогаш би недостасувал изненадувачкиот момент и луѓето не би биле исплашени. Главната работа тука ја имаат возрасните, а помалку децата. Од децата не може да се очекува таква одговорност за трезвено справување со живото-загрозувачка ситуација. Возрасните се тие кои би требало да поработат на своето чувство на сигурност со цел да можат истото да го понудат на децата. И се разбира, најважната превенција е веќе воопшто да не доаѓа до вакви дојави, а за тоа е одговорна полицијата која има за цел да го штити населението, завршува психологот Попова Узуновски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.