Група од 12 американски сенатори повторно предложи закон со кој летното сметање на времето во САД ќе остане трајно.

Британските медиуми пренесуваат дека во март 2022 година, Сенатот едногласно изгласа во САД да заврши менувањето на часовникот двапати годишно.

Меѓутоа, законот не успеа да помине на гласањето во Претставничкиот дом бидејќи конгресмените не можеа да се договорат дали да го задржат зимското или летното сметање на времето.

Новиот предлог доби поддршка од сенаторите и од Републиканската и од Демократската партија. Сенаторот од Флорида, Марко Рубио, кој стои зад предложениот закон, ритуалот на менување на часовникот го нарече „глупав“ и застарен.

Во Претставничкиот дом сличен закон предложи и конгресменот Верн Бјукенан, исто така, од Флорида, кој оцени дека укинувањето на сезонското време ќе донесе огромни здравствени и економски придобивки.

Телевизиската мрежа Еј-би-си (ABC) истакна дека ваквата идеја има значителна популарност во САД. Анкетата на Универзитетот Монмаут, спроведена минатата година, покажа дека 61 отсто од Американците сакаат да се укине сезонското сметање на времето.

Истото истражување покажа дека 44 отсто од Американците сакаат летното сметање на времето да стане трајно, додека 13 отсто сакаат стандардното (зимско) сметање на времето да остане во текот на целата година.