Во Неготино се подготвуваат хуманитарни оброци за социјално загрозени за Бадник. Организаторите на хуманитарната акција денеска најавија дека со овој гест сакаат да им покажат на лицата во социјален ризик дека не се сами и дека луѓето треба да си подадат рака едни на други.

– Велат, каде и да си, за Бадник дома да си. Овој Бадник, своевидниот дом за сите лица од ранливи категории и социјално загрозени семејства, ќе биде кај „Ја, тате и бате,“ гостилницата што ги подготвува овие хуманитарни оброци, спакувани за секој посебно, појаснија организаторите на акцијата.

Тие нагласија дека на овој голем празник никој нема да остане гладен и апелираа до сите што можат, на било каков начин, во иднина да им помогнат на социјално загрозените лица.

Во 2021 година, за време на пандемијата со коронавирус, оваа гостилница донираше оброк за здравствени работници, сакајќи на тој начин, како што беше соопштено тогаш, да се покаже сопствената општествена одговорност.