Во Македонија досега се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран. Министерството за здравство информира дека 16 пациенти со ковид се хоспитализирани на територија на цела држава. Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само четворица пациенти се на кислородна поддршка.

Единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација. Не само кај нас, последните анализи и во светски рамки покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население. Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со Делта сојот на Ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани, велат од МЗ.

Министерството за здравство укажува дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, со највисока граѓанска обврска за вакцинација.  Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје.

СЗО е децидна дека сите вакцини се докажано ефикасни против постоечките соеви и мутации на вирусот. Иако дел од студиите покажуваат дека нивната ефикасност се намалува против Делта сојот, таа е се уште доволно висока да превенира развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт. Откако се утврди дека вирусот се пренесува помеѓу невакцинираното население, повеќе земји ги зајакнаа рестриктивните мерки кои главно се однесуваат на неимунизираните лица, додаваат од МЗ.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.