Во германскиот град Кобленц денеска почна судски процес против 26-годишен маж, кој се товари за измама при дистрибуција на еден милион маски за заштита од новиот коронавирус. Според обвинителниот акт, лицето во април било вмешано во шема за склучување на договори за достава на маски од видот ФФП2 во вредност од преку три милиони евра.
– Младиот маж знаел дека маските не одговараат на високиот стандард ФФП2 и се обична навлака за устата и носот, се наведува во обвинението.
Маските ФФП2 подобро штитат од инфекција со ковид-19 отколку маските од обична ткаенина. Овие маски ги користат медицинските сестри и лекарите. За време на првиот бран од пандемијата, Германија се соочи со недостиг на маски од типот ФФП2.
Маските ФФП (filtering face pieces) се посебно ефикасни во филтрирање на честичките од издишно-вдишниот воздух, но, исто така, не нудат стопроцентна заштита од ковид-19.