Домородната заедница од Канада соопшти дека пронашла стотици необележани гробови на местото на некогашниот интернат во црквата во провинцијата Саскачеван.
„Суверената автохтона федерација на Првите нации“ (ФСИН) во регионот Ковесес соопшти дека откритието на гробовите е „досега најзначајно во Канада“.
Заедницата во Ковесес е една од неколкуте таканаречени „Први нации“, како што се нарекува домородното население во Канада, потомци на Инуитите и Мерисите.
Кадмус Делорм, раководител на домородната заедница во Ковесес, изјави дека останките на 751 дете се пронајдени во необележани гробови во задниот двор на интернатот во регионот Саскачеван.
-Ова не е масовна гробница, ова се необележани гробови, рече Делорм, пренесе агенцијата Анадолија.
Според официјалните канадски податоци, интернатот работел од 1899 до 1997 година во регионот Ковесес, на околу 140 километри источно од главниот град на провинцијата Регина.
Новите гробници се откриени со површински радарски скенери, што како истраги се почнати во 139 училишта низ целата земја, откако кон крајот на мај беа пронајдени останки на 215 деца, некои на возраст од три години, кои биле закопани на местото на некогашното училиште за домородни деца во Камлоупс, Канада
Националниот лидер на Канадското собрание на Првите нации, Пери Белегард, изјави дека веста за откривањето на стотици неименувани гробници е трагична, но дека воопшто не е изненадување. Тој ги повика Канаѓаните да бидат со нив во овие исклучително тешки и емотивни моменти.
Училиштата главно ги воделе христијански цркви во име на државната влада, од 1840-тите па се до 90-тите години на минатиот век.
Повеќето од овие деца, присилно одземени од нивните семејства и сместени во црковните интернати, (се претпоставува дека биле над 150.000 локални деца) биле изложени на физичко, сексуално и психолошко насилство.
Канадската федерална влада во 2008 година официјално им се извини на жртвите за тоа што се случувало во црковните интернати, каде илјадници деца починале од глад, студ и медицински експерименти.