Вертикалните градини се моќна алтернатива и решение за кризата со земјиштето, а и не се помалку функционални од традиционалните. Исто така, тие заштедуваат огромни количини вода.
Иако вертикалните градини не се нови, една привлече внимание бидејќи ова е најголемата вертикална зеленчукова градина во светот и може да произведе повеќе од 900.000 килограми зеленчук годишно. Отворена е во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, недалеку од меѓународниот аеродром Ал Мактум. Наречена е Бустаника, а ја изгради „Кроп уан холдингс“ во соработка со „Емирејтс флајт кетеринг“. Површината на градината е 30.658 квадратни метри.
Зелјестите растенија што ќе се одгледуваат ќе бидат „целосно чисти“ бидејќи ќе растат без пестициди и други хемикалии. Исто така, тука ќе се користи 95 отсто помалку вода во споредба со традиционалните градини, а ќе дава три тони производ дневно благодарение на употребата на вештачка интелигенција и компјутерска анализа на податоци.
Имено, производствениот погон користи затворен систем којшто овозможува водата да кружи низ растенијата со цел поделотворно искористување. Водата испарува за време на процесот на наводнување и се враќа во системот, што заштедува 250 милиони литри вода секоја година во споредба со традиционалните отворени градини со исто производство.
Зеленчукот ќе им биде послужен на патниците во авионите на авиокомпанијата „Емирати“, како и на другите авиокомпании кои соработуваат со неа. Ќе се продава и во околните продавници под брендот „Бустаника“.