До крајот на септември следната година ќе заврши изградбата на социјална зграда во Демир Капија која е прв објект од ваков тип во градот. Во неа ќе се вселат 16 семејства од социјално ранливите категории граѓани.
АД за стопанисување со станбен простор и со деловен простот од значење за Републиката – Скопје во моментов гради вкупно 579 социјални станови во повеќе градови низ државата.
„Станува збор за грижа на владата за решавање на проблемите и обезбедување кров на глава на ранливите категории граѓани, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по увидот на активностите на теренот.
Тој изрази задоволство од плановите на АДСДП за развој на инфраструктура во овој дел што се прави во координација со општините.
„Оваа координација ќе продолжи и наредната година бидејќи имаме предвидено над 130 милиони денари за реализација на ваков тип објекти. Во 2020 година од нашиот буџет се реализирани сите средства предвидени за изградба на вакви социјални згради, што исто така е благодарение на проактивниот однос на АДСДП, рече Бочварски.
Спорeд Генералниот директор на АДСДП, Кристијан Трајковски зградата во Демир Капија e најмала ваков тип и е прилагодена на потребите на општината.
„Во постапка се уште неколку објекти што треба се градат. Очекувам дека во наредните неколку дена ќе склучиме договор за избор на изведувач на зграда во Сарај, исто така и во Кочани, а во тек е постапка за Пехчево и за Дебар’’, рече Трајковски.
Изрази очекување дека до крај на годинава ќе бидат завршени сите постапки за зградите, односно деkа ќе останат можеби уште две локации за кои постапките ќе бидат завршени наредната година.