Универзитетската професорка Фросина Ременски во ексклузивно интервју за порталот zoom.mk тврди дека структурите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков во Агенцијата за национална безбедност му овозможиле на рускиот олигарх Олександр Онишченко да добие македонско државјанство.
„Тврдам дека тоа се поштедените лица коишто денеска се јавуваат во некаква улога со Онишченко. Проследувањето на специјалната касата на УБК, заврши со осудителни пресуди за шефот на кабинетот на директорот на УБК, но не за вистинските креатори на таквите операции, преку кои се влечеа пари од буџетот на МВР, оние кои се овластени да ги отворат тие оперативни акции, а тоа е директорот на УБК и единствениот потписник на сметка, министерот“, вели професорката Ременски во интервјуто.
Ременски смета дека досега имало сериозни алатки, извештаи и случаи, преку кои навистина можело да се направи прочистување на АНБ од структурите на Мијалков.
„Не верувам дека најголем дел од припадниците на АНБ припаѓаат на таа структура, меѓутоа можам со сигурност да кажам, дека добра четвртина се сеуште се во АНБ. Случајот на Онишченко е показател“, потенцира Ременски.
Таа тврди дека непотизмот коишто е генериран во УБК е од Сашо Мијалков, со вработување на зетовци, синови, снаи, кумови.
„Ако вие имате структура којашто ви должи услуга, лесно ви е да го покренете механизмот и на пропуст, при вакви сериозни проверки “, појаснува таа.
Според неа, одговорните досега не успеале да расчистат со оваа структура на заробената држава во АНБ, која е добро позната за директорот Виктор Димовски.
„Само јас имам поднесено четири пријави. Димовски не ги заштитува, туку се доминантни во одредени релации па, се моќни и не би ги потценила воопшто“, подвлекува Ременски.
Зборувајќи за начинот како треба да се расчисти случајот на Оношченко, Ременски смета дека Димовски мора да ги санкционира луѓето што ги нарушуваат процедурите во Агенцијата.
„Ако тој не расчисти со тие структури, тие ќе расчистат со него. Конечно, времето е да се свртиме и да се расчисти тој дел од тие интересно бизнис олигарси криминални структури во тајната полиција, кои можеби се на линија на Белград, на линија на криминалното подземје“, претпоставува Ременски.
За неа чудна е реториката и на опозицијата во случајот, која место да бара објаснување кој го покрена Онишченко да дојде во Македонија и да го зачлени во клуб со два коња по 4 милиони евра, се занимаваат со тоа дали Виктор Димовски ќе оди за амбасадор во Франција или не./Zoom.mk