На влезот во прекрасната и бујна градина во англиската област Нортамберленд, ќе видите јасен знак – на црната порта има две табли со препознатливиот симбол за отров – човечки череп со вкрстени коски – и зборовите: „Овие растенија можат да убијат“.

Ако влезете во градината, ќе имате можност да видите околу сто озлогласени растенија убијци, а вашиот водич ќе биде загрижен за вашата безбедност и постојано ќе ве потсетува да не допирате или мирисате кое било од нив.

Основање

Откако братот на нејзиниот сопруг ненадејно починал во 1995 година, Џејн Перси станала војвотката од Нортамберленд, округ во североисточниот дел на Англија. Заедно со титулата го добила и замокот во Алвик, а набрзо откако се вселила во оваа зграда, сопругот ја замолил да смисли план за уредување на градината.

Очекувал дека тоа ќе ѝ го пополни денот и ќе ѝ биде интересна занимација…но, таа направила многу, многу повеќе …

Во 1996 година го ангажирала познатиот пејзажен архитект Жак Вирац и дваесет години подоцна, градината во Алнвик зафаќа повеќе од пет и пол хектари и ја посетуваат повеќе од 600.000 луѓе годишно.

Перси знаела дека ако сака да направи нешто што ќе стане туристичка атракција, а не само украс зад куќата, треба да направи нешто сосема ново. Најпрво размислувала да направи „лековита“ градина, но откако ја посетила познатата градина на семејството Медичи, решила во нејзината градина да одгледува растенија кои убиваат, наместо оние што лекуваат. Сметала дека тоа е добар начин децата да се заинтересираат за ботаниката бидејќи, според неа, најмладите не ги интересира од што се направени лековите.

Едно од омилените растенија на војвотката во градината денес е Brugmansia, прекрасно цвеќе, на кое сите делови се исклучително отровни. Познато е дека предизвикува парализа на мазните мускули, мигрена, дијареа, сува уста, визуелни и слушни халуцинации и смрт!