На денешен ден, 18 декември 2010 година, на стадионот во Абу Даби Интер ја освои титулата на ФИФА Светското клупско првенство.
Во големото финале „неро-аѕурите“ на „Зајед Спортскиот Сити Стадион“ со резултат 3:0 триумфираа над Мазембе, претставникот на Демократска Република Конго.
Победата ја најави тогашниот член на Интер, македонскиот репрезентативец Горан Пандев кој во 13 минута од средбата ја затресе противничката мрежа за водство од 1:0.
Стрелци на вториот и третиот погодок во конечниот триумф на калчолигашот од Милано беа Ето`о во 17 минута и Биабиани во 85 минута.
Пред настапот на клупското СП, победник во сезоната 2009/2010 на Лигата на шампионите беше Интер кој во битката за трофејот на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид беше подобар од Баерн Минхен.