Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржат уставни измени за внесување на Бугарите во уставот дури и ако се поништи договорот за пријателство со Бугарија вели Ели Панова, заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за порталот zoom.mk. Панова исклучува можност да го сменат нивниот став под било какви услов.
„Нема услов. Зошто треба да има услов? Нема да има крај на барањата на Бугарија“, истакнува таа надевајќи дека овој став ќе биде поддржан и од пратеници од власта.
Панова потврди дека целта на референдумот е да се мобилизира членството за предвремени избори бидејќи земјата се наоѓа во многу тешка ситуација која не е предизвикана само од европската криза, туку и од неспособноста на власта.
„Откако граѓаните ќе видат дека власта навистина е неспособна, и кога ќе видат со какви се предавства не соочија, тогаш сметам дека неминовни се изборите. Сега не дозволија да се случи референдум, меѓутоа предвремени избори се клучни и битни и за да можеме да станеме на нозе и да излеземе од оваа криза која допрва ќе ни се случува оваа есен“, смета Панова.
Освен предизвикување на предвремени избори, таа се надева дека со референдумот ќе се покаже волјата на граѓаните, која е спротивна на волјата на власта.
„Имаат полна уста демократија, требаше да дозволат во ист ден да има предвремени и референдум и да видиме дали Ковачевски ќе има легитимитет воопшто да биде премиер, дали имате легитимитет да направат уставни измени, да распишат тендери и да решат енергетска криза“, додава Панова.
Според неа, одлуката на спикерот Џафери за одбивање на иницијативата за референдум е скандалозна бидејќи со тоа се оспори суверенитетот на граѓаните да решаваат за важни прашања преку нивните избраници и преку референдум.
„Неговата надлежност е тој само да ја проверува формата и да ја препрати до комисиите, законодавно правата и комисијата за политички систем. Ако комисиите утврдат дека иницијативата не може да продолжи, тогаш се оди на пленумот, односно суверенитетот на граѓаните пренесен преку пратениците и тие ќе можат да се изјаснат“, објаснува Панова и додава дека Џафери се обидува да сокрие дека има пратеници од власта кои сакаат да ја поддржат иницијативата за референдум затоа што се свесни дека последиците од договорот се страшни.
Во врска со поддршката на новата иницијатива на Левица за референдум, Панова вели е неспорно дека ќе ја поддржат забележувајќи дека „некои партии малку задоцнија со својата реакција и бараат начин да се актуализираат во јавноста“./Zoom.mk