Федералата истрага околу експлозијата што се случи на католички Божик во Нешвил, Тенесси, дошла до докази дека наводниот организатор на експлозијата верувал во вонземјани и рептилоиди, јави локална телевизија повикувајќи се на извор од безбедносните органи, пренесува дописникот на МИА од Вашингтон.
Специјалисти од разни служби вклучени во истрагата се обидуваат да го утврдат мотивот на 63-годишниот Ентони Ворнер кој ја активирал бомбата. Ворнер е единственото лице кое загина во експлозијата, бидејќи се наоѓал во паркираното кампинг возило со поставаната бомба во него.
Викендов, телевизијата Њуз чанел 5 соопшти дека познаник на Ворнер на 1 јануари примил коверт испратен два дена пред експлозијата. Во него имало најмалку девет страници отпечатен текст и два мемориски стика. Ковертот бил предаден на Федералото биро за истраги (ФБИ).
На писмото немало адреса на испраќачот, но содржело различни теории на заговор, како тоа дека вонземјани извршиле напад на Земјата, а тоа означувало дека автор на писмото бил бомбашот, соопшти телевизијата. Во записите се наведувало и тоа дека рептилоиди и луѓе-гуштери ја контролираат Земјата и манипулираат со човечката ДНК.
-Нам ни е познато дека осомничениот испратил повеќе материјали во кои изразувал свои точки на гледање, изјави Џејсон Пек, специјален агент на ФБИ. Тој ги повика сите кои добиле такви писма да се поврзат со ФБИ.
Полицијата од Нешвил на 29 декември минатата година објави драматично видео од камера која била на униформата на полицаец. На видеото може да се видат моментите пред и после силната експлозија на католички Божиќ.
Додека полицајците ги евакуираат луѓето од улиците во центарот на градот откако забележаа сомнително возило се слуша силната експлозија. На видеото се гледаат и рушевините на улиците како и алармите од автомобилите и локалите во близина, како и полициските комуникации.