Образовниот процес во сите 10 основни училишта во Карпош во кои учат учениците од прво до петто одделение, целосно се одвива согласно новата концепција за основно образование која беше донесена во 2021 година, подразбирајќи активно вклучување на основците во информатичкото современо општество.

Поточно, сите образовни установи од Карпош, во рамки на своите училници за одделенска настава располагаат со интерактивни смарт табли и интерактивни панели.

По тој повод денеска градоначалникот Стевчо Јакимовски направи обиколка на ООУ „Владо Тасевски“, каде непосредно присуствуваше на одделенската настава која се одвиваше во рамки на оваа образовна институција. Во оваа пригода првиот човек на Општина Карпош најави дека во текот на 2025 година, локалната самоуправа ќе продолжи со доопремување на сите училници каде учат основците од шесто до деветто одделение, односно дека ќе бидат набавени уште 84 интерактивни табли кои ќе бидат распоредени во работните кабинети по предметна настава.

Истовремено, Јакимовски откри дека Општина Карпош во секое училиште кое е под нејзина надлежност ќе отвори по една информатичка училница. За таа цел, локалната самоуправа ќе набави околу 250 нови компјутери, кои ќе бидат неопходна алатка за работа во овие училници.

– Набавивме 50 смарт панели за да се одвива наставата на најсовремен начин, согласно најновите наставни програми во кои што треба да се зголеми и прошири знаењето во делот на компјутерските вештини. На тој начин имаме многу повеќе можности, се прошируваат опциите за истражување, како и користењето на многу повеќе помагала. На ваков начин се вклучуваме во современите текови на електронското општество. Практично, со овие 50 смарт табли, имаме или смарт табли или смарт панели, во сите наши училишта од прво до петто одделение. За наредната година имаме предвидено во општинскиот Буџет уште за 85 табли и со тоа значи од прво до девето одделение за во сите училници ќе имаме смарт табли и панели. За наредната година издвојуваме средства за 254 компјутери, што значи секое училиште ќе има по една компјутерска сала, најнови лаптоп компјутери со кои нашите најмлади жители ќе се образуваат во делот на електорниката во делот на компјутерските науки и со тоа ќе се олесни наставата и за наставниците и за децата – посочи Јакимовски.

Со овој потег општина Карпош ќе стане првата локална самоуправа во Македонија, која обезбедила целосни услови за сите свои основни училишта да ја реализираат образовната настава со помош на најсовремената информатичко – комуникациска технологија (ИКТ). На тој начин, сите основци од Карпош ќе бидат активно вклучени во современите текови на ИКТ стандардите на едукација, кои ги применуваат развиените земји од светот во рамки на своите образовни системи.