После сензационалната победа (27:24) над Франција во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство, денеска по вторпат Србите се непоразени против трикратниот европски шампион.
Во групата „1“ најдобрите српски ракометари на гостински терен ремизираа 26:26, иако после првото полувреме водеа со три голови предност (12:15).
И во поголемиот дел од вториот дел Србија имаше резултатска контрола, иако на крајот Французите можеа и до триумф, но во последниот напад голманот Цупара го одбрани нивниот удар.
Кај домаќините Лука Карабатиќ беше прв стрелец со пет голови, на спротивната страна осум беа дело на екс членот на Вардар 1961, Мијајло Марсениќ.
Во истата група се наоѓаат и селекциите на Белгија и Грција кои би требало да се борат за третото место кое исто така носи пласман на ЕП, а српската селекција сериозно покажува дека има намера да биде дел од нов континентален собир.