На 30 август, додека истражувале делови од северен Атлантик, научниците од Националната управа за океани и атмосфера наишле на необично суштество кое наликува на „сина слуз“, пренесува „National Geographic“.

Го забележале додека управувале со подводната сонда со која го истражувале морското дно на Карибите. Необичното суштество е регистрирано на длабочина  помеѓу 400 и 600 метри. Мистериозните точки ги натерале да се запрашаат за што станува збор, но до крајот на преносот никој не можел да дојде до дефинитивен одговор.

Следела дискусија во која набљудувачите тврделе дека се работи за мек корал или сунѓер. Бидејќи немале дефинитивен одговор, предложиле голем број потенцијални прекари – како што е „сина слуз“ и додале дека се согласуваат оти не можат со сигурност да кажат што е тоа што го гледаат.

Одлучиле снимениот материјал од мистериозното сино суштество да ја предадат на експерти за корали и сунѓери за конечна експертиза.

Ова нема да биде лесна задача бидејќи во светот има околу 2.000 видови меки корали, а според Светскиот регистар на морски видови, околу 8.500 видови сунѓери. Доколку експертите не можат да откријат на кој вид му припаѓа, тоа нема автоматски да значи дека се работи за ново откритие, туку пред тоа ќе треба да се собере примерок од него и да се испрати на детална анализа.