Денеска, на редовна седница на Владата практично почнавме со постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, со кој ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање капитални проекти од интерес на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Станува збор, како што појасни, за втор јавен повик за искористување средства од оние 15 милијарди денари што Владата, како што дополни, ги стави на располагање на општините.

„До 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам, за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, и во 2025, и во 2026, и во 2027. Некои проекти да бидат само во 2025, некои да бидат и во 2025 и во 2026. Но, вкупниот волумен на средства со кои ќе се финансираат проектите од овој втор повик за кој денеска почнавме процедура на редовна владина седница е до 15 милијарди денари“, нагласи Мицкоски.

За таа цел, како што информира, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт и Министерството за култура и туризам да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации.

Владата, според премиерот, го задолжи или ќе го задолжи Министерството за локална самоуправа откако целиот процес ќе биде дефиниран, да го објави јавниот повик за изразување интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на проектите што се дел од овој втор повик.

Ова, според него, се значајни средства, кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

„Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините, преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард.

Ова е втор јавен повик, на минатиот повик 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И, дополнително, преку Министерството за транспорт приближно 800 милиони денари, тоа се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање проекти во општините“, потсети Мицкоски.

Како што оцени, вака директно им се помага и на граѓаните и на општините.

„И ова се мерки што се однесуваат само за граѓаните. Само вака, со работа и посветеност, го исполнуваме ветеното и Македонија станува повторно на народот“, додаде Мицкоски.

Текстот (Видео) Мицкоски: Нови 15 милијарди денари капитални инвестиции за општините, историски најголема инвестиција е превземен од МАКФАКС.