Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Бијлана Ивановска тврди дека сите објекти од проектот Скопје 2014 се дивоградби и ќе бидат легализирани ако пратениците повторно го гласат Законот за легализација на безправните објекти, кој претседателот Стево Пендаровски, го врати на повторно разгледување во Собрание.

Ивановска, во интервју за порталот Zoom.mk, вели дека е изненадена што воопшто бил донесен таков закон затоа што претходниот месец пратениците едногласно ја усвоиле Националната стратегија за борба против корупцијата, каде во делот на градежништвото и урбанизмот укажано е да се ограничи примената на постојниот закон за легализација на дивоградбите.

ВИДЕО: https://fb.watch/5QPB4Bz2jO/

„Ваквиот закон внесува правна несигурност и ги доведува во прашање другите закони од областа, законот за градање, законот за урбанистичко планиеање. Како тие закони ќе функциинираат ако постои ваков закон, којшто безправото ќе го направи право“, се прашува Ивановска.

Таа смета дека законот е противуставен затоа што не овозможува владеење на правото и ја загрозува животната средина, која е една од темелните уставни вредности.

„Законот негитивно влијае на животната средина ако се дозволи легализација на безправно изградени објекти, од друга страна создава ерозија на професионализмот на целата градежна фела, тука се урбанисти, планери, архитекти. Го дерогира тој систем, зошто тие би постоеле ако неко постојано им прави упад“, оценува Ивановска.

Според неа, донесувањето на законот нема да стави крај на безправното градење, туку напротив, ќе потикне никнување на нови дивоградби.

„Овој закон ги охрабрува оние што не го почитуваат законот, а од друга страна, ги дискриминира оние што цело време го почитуваат законот, чекале дозволи, платиле комуналии, се вклопиле во урбанистичките планови. Сега тие се граѓани од втор ред, оти почитувале, а овие другите што не почитувале закон се ОК“, додава Ивановска.

Освен тоа, законот значи легализација на корупцијата затоа што се што е направено безправо, претсавува корупција, додава таа./Zoom.mk