Директорот на Царинската управа Стефан Богоев во интервју за „Фронтлајн“, говори за новините и реформите што се преземаат со што Царината ќе стане поефикасна во борбата со криминалот и корупцијата и со тоа ќе го подобри имиџот на оваа важна државна институција.

– Од прв ден се залагаме за поголема ефикасност на Царината и борбата со корупцијата, но тоа е процес долг и мачен вкоренет повеќе од три децении, вели Богоев, но уверен е дека резултати ќе има и тоа граѓаните ќе го видат, а особено стопанските субјекти кои работат увоз и извоз и кои имаат директна соработка со Царинската управа.

„Во моментов го доекипираме тимот од секторот за посебни истражни мерки што подразбира следење на комуникацијата и физичко следење. Тоа Царинската управа го има како законска можност, дури имаме и опрема од пред неколку години која не е ставена во функција, но сега ќе биде целосно употребена, а дополнително разговараме и со дел од нашите меѓународни партнери  за набавка на „боди камери“ кои ќе бидат на униформите на царинските службеници на граничните премини. Со ставањето во функција на секторот за ПИ мерки, боди камерите и системот на паметни камери, чија набавка е во завршна фаза, мислам дека многу ќе помогнат во борбата против организираниот криминал, шверцот и корупцијата. Покрај ова секако успешно функционира и одделот за разузнавање кој преку свои канали пресретнува информации по кои потоа постапуваме“, истакнува Богоев.

Тој верува дека со ова ќе се зголемиме и транспарентноста и на тој начин ќе се подобри имиџот на Царината кој, како што вели, „во јавноста со право или не, низ годините станал лош“.

Директорот на Царината смета дека таа целосно е во служба на стопанството.

„Има компании кои се задоволни од соработката со царинската управа. Овде се спроведени чекори и реформи кои се во интерес на компаниите. Иницијативата Отворен Балкан, има за цел да ги направи нашите компании поконкурентни на меѓународните пазари и тоа во добар дел е успеано, со „уан-стоп-шоп“ премини со една гранична контрола“, нагласува Богоев.