Македонија денеска од 20.30 часот во Каиро против Шведска ќе го игра првиот натпревар на Светското првенство во Египет.
Првпат ќе играме против Швеѓаните на Мундијалите, еднаш се сретнавме на Европското првенство во Србија. Поточно, на 15 јануари 2012 година пред полната сала во Ниш на чии трибини најбројни и најгласни беа македонските навивачи и бевме многу блиску до голема победа против Шведска, на крајот ремизиравме 26:26.
На тој меч први стрелци беа Кирил Лазаров и Стевче Алушовски со по седум голови, шест на спротивната страна имаше Никлас Екберг кој нема да учествува на овој Мундијал.
Имавме и еден натпревар во квалификациите за учество на Олимпијадата во Лондон 2012 година, загубивме со 27:23 во Гетеборг.
Што се однесува до нашиот денешен прв противник кој е четирикратен светски шампион, интересно, последната титула ја имаше токму на египетско тло во 1999 година кога Македонија дебитираше на вакво натпреварување.
Нивниот селектор Глен Солберг на СП не може да смета на десниот бек Албин Лагергрен и пивотот Антон Линдског порази позитивни тестови на ковид-19.
Неколку искусни играчи се пензионираа, во составот има неколку дебитанти, а за Солберг ова е негово прво големо натпреварување.
Брестовац ги одреди патниците за Египет: Без Борко, Манасков, Георгиевски…
Македонија беше 15-та на последното ЕП и како прва резерва чекаше „билет“ за сегашното СП. Дојде како замена за Чешка која се откажа поради големиот број на позитивни случаи на коронавирус.
Воедно ИХФ го одвои токму нашиот Лазаров кој дебитираше на СП во Египет и има шанса да ја заврши неговата интернационална кариера токму на местото каде започна пред 22 години.