Д-р Ненад Лазаров денеска изнесува информации за тоа како функционира нашиот здравствен систем во кој „состојбата е под контрола“:
„Вчера 6 октомври, праќам ковид пациенти со ковид упат за крвни анализи во поликлиника Јане Сандански. Им закажале боцкање на 22 октомври!“
На оваа негова забелешка, се надоврзуваат многу негови следбеници на социјалните мрежи кои ги изнесуваат своите искуства. Така, на пример, едно од искуствата гласи:
„Јас вчера се јавив кај матичната, не ме примаат на преглед со симптоми, треба тест. Побарав да ми закажат, нема термин. Синоќа правев брз тест, негативен. Денес, си отидов приватно за PCR. Едноставно морав ова да го направам и поради себе, а уште повеќе поради другите што се потенцијално загрозени.“
С.К. пишува:
„Така е од почеток. На мојот сопруг во март му дадоа термин некаде во април, не се сеќавам точно, ама имаше сигурно 25 дена, да оди таму, СО ЗАКАЖУВАЊЕ и тоа со потфрлање книшка и упат и „љубезен“ коментар: Ако ти чини!“
М.М. од Скопје се надоврзува:
„На татко ми, позитивен во април, му закажаа во Јане Сандански за 25 мај!“
М. Ш. пак, истакнува друг проблем:
„А што да прават онколошките пациентите кои примаат терапија на секои 14 дена со една ноќ прележување во болница и мора да носат резултат од негативен тест, а матичните немаат никаква опција како да ги закажат. А терапија мора да примаат и ако сакаат мора да се тестираат на приватно минимум два пати месечно, а може и три пати, зашто прво се тестира, па му прави крвна слика и ако крвта не е добра ќе го пушти пак за една недела да се тестира и се тоа на грб на пациентот“.
Лазаров тврди и дека во овој момент, во државава нема доволно тестови, а молкот на лекарската фела за тоа е срамотен:
„Немањето ни приближно доволно PCR тестови на државно е директен атак врз здравјето на народот и флагрантно кршење на човековите права!
Ниту може рано да дијагностицираме ниту пак да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода, да го цитирам Ф: “да изгори епидемијата”.
Што да правам со симптоматски пациенти во тие неколку дена па и недела додека чекаат термин за тест?
Молкот на фелата е недозволив“, пишува Лазаров.
И на ова се надоврзуваат коментари на граѓани со различни искуства:
Х.Ј вели:
„Јас сум видела, во 8 Септември, постковид беше во прашање. Итно примен, прави брз тест, па потоа ПЦР и компјутер и магнет и лабораторија и еден куп други испитвања. Сопругот беше во прашање. Го спасија дефинитивно.“
Но. Н. Д. има поинакво искуство:
„Ништо ново за нас. Во ноември чекав 8 дена до тест од почетокот на симптомите. И тоа само јас, еден тест за четири болни лица од иста фамилија“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.