Како што информираа денеска добро познатиот италијански новинар Џанлука Ди Марцио, Бобан Николов е пред трансфер во редовите на Лече.

Досега ги бранеше боите на унгарскиот клуб МОЛ Фехервар, а се очекува во текот на денешниот ден да ги има лекарските прегледи, по што ќе следува потписот на договорот.

Лече инаку моментно настапува во италијанската Серија Б каде после 18 одиграни натпревари се наоѓа на петтото место со 29 бодови и е во трка за една од позициите кои водат во елитата. Во Серија А веќе имаме тројца македонски репрезентативци, Горан Пандев во Џенова, Елиф Елмас за Наполи и Илија Несторовски во Удинезе.

Нашиот 26-годишен играч Николов пред да се пресели во Унгарија, беше дел од екипите на романскиот Вииторул и Вардар.

Настапуваше за МОЛ Фехервар од сезоната 2017/2018, во тамошното унгарско првенство запиша севкупно седум голови, последниот го имаше во октомври лани во домашната висока победа над Ујпешт (5:1).