Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок вчера остро ја искритикува Унгарија за блокирањето на финансиската помош од 18 милијарди евра за Украина и ја обвини Будимпешта дека „игра покер“ со ситуацијата. Парите се помош од Европската Унија и се наменети за Украина, но очигледно унгарскиот премиер Виктор Орбан, нема намера да помогне.
„Со финансиската поддршка од Европа ние спасуваме животи“, рече Баербок на прес-конференцијата во Берлин што ја одржа заедно со нејзиниот шведски колега Тобијас Билстром.
Четворица функционери и дипломати на ЕУ за ПОЛИТИКО изјавија дека на блокирањето на помошта за Украина од страна на Будимпешта гледаат како тактика на уцена за ослободување на повеќе од 13 милијарди евра од фондовите на ЕУ наменети за Унгарија. Овие средства би можеле да бидат „замрзнати“ следниот месец поради долгогодишното назадување на демократијата од владата на Орбан.
За потсетување, Европската комисија во средата предложи пакет за поддршка од 18 милијарди евра за да ѝ помогне на Украина да ја одржи економијата и јавните услуги во текот на следната година и да ја обнови критичната инфраструктура уништена од руските ракети.