Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед сака да ангажира уште најмалку тројца играчи до крајот на преодниот рок. Јунајтед ќе тргне по играчот на Челзи, Кристијан Пулишиќ, голманот на Борусија Менхенгладбах, Јан Сомер и Бразилецот Касемиро од Реал, пренесуваат британските медиуми.

Клубот од „Олд Трафорд“ во летниот преоден рок ги доведе Кристијан Ериксен, Тајрел Маласија и Лисандро Мартинез. Сепак, на англискиот клуб му требаат засилувања за да биде конкурентен во преостанатиот дел од сезоната.

Британските медиуми пренесуваат дека „црвените ѓаволи“ на крајот од преодниот рок влегуваат во „панично купување“ откако тимот лошо ја стартуваше новата сезона и забележа два порази во Премиер лигата.

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг бара квалитетни решенија на средината на теренот, а раководството на англискиот клуб е подготвено да му понуди 60 милиони евра на Реал за Касемиро.

Некои шпански и британски медиуми пренесуваат дека Реал за бразилскиот фудбалер би можел да бара 80 милиони евра.

Манчестер јунајтед сака да го ангажира Кристијан Пулишиќ, бидејќи мали се шансите Френки де Јонг од Барселона да пристигне во тимот од „Олд Трафорд“.

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, не смета на американскиот репрезентативец во преостанатиот дел од сезоната, додека Пулишиќ бил подготвен да ги засили „црвените ѓаволи“.

Манчестер јунајтед планира да го доведе Јан Сомер на позајмица, бидејќи тој треба да биде замена за првиот голман на „црвените ѓаволи“, Давид де Хеа.

Извор: топ спорт