Украинските сили вратија нови територии како дел од нивната контраофанзива против руските сили. Украинскиот претседател Зеленски го повика Западот да ја забрза испораката на оружје додека украинските трупи ја започнаа контраофанзива за повторно заземање на североисточниот регион окупиран од Русија.
„Од почетокот на септември нашите војници веќе ослободија 6.000 квадратни километри украинска територија на исток и југ, а ние одиме напред. Зајакнување на санкциите – потребен е осми пакет санкции на ЕУ. Неопходно е да се зголеми помошта за Украина, пред сè да се забрза обезбедувањето системи за противвоздушна одбрана за нашата земја“, рече Зеленски.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека украинските сили постигнале „значаен напредок“ со поддршка од Западот.
„Она што тие го направија е многу методично испланирано и, се разбира, имаат корист од значителна поддршка од Соединетите Американски Држави и многу други земји за да се осигура дека Украина ја има во свои раце опремата што ѝ е потребна за да победи во оваа контраофанзива“, рече Блинкен.
Вашингтон минатата недела ја објави својата најнова програма за оружје за Украина, вклучително и муниција за ракетните системи ХИМАРС.
Шкелзен Аќифи