Угостителите и денеска на протест пред Министерството за финансии. Поставија шатор, пуштија гласна музика, а за луѓето кои дојдоа да им дадат поддршка имаше топло кафе и чај и флаширана вода. Угостителите и туристичките работници, добија поддршка од сметководителите, туристичките водичи, школите за танцови и останати услужни дејности кои се сериозно финансиски погодени од пандемијата. Уште еднаш побараа од Владата што поскоро да ги објави методологиите за аплицирање за помошта од шестиот пакет на антикризни мерки од државата.
„Ако се оди процентуално, треба секој колку што остварил треба да добие, дека само така е правично, и само така ќе се стимулираат сите да плаќаат повеќе данок, да пријавуваат повеќе промет и да добијат поголема помош. Се друго би било спротивно на ова и спротивно на сите залагања наши и на владата“, рече Мартин Ангеловски туристичко угостителска комора.
– Advertisement –
Властите пак, велат дека најдоцна до почетокот на следната недела ќе се објави јавниот повик со се правилата за аплицирање за шестиот пакет мерки.
„Ќе се земе во предвид просекот од приходите од 2019 и 2020 година, и ќе се земат деновите колку што биле затворени угостителските објекти, и врз основа на тоа 30 отсто ќе го преземе како трошок владата“, изјави Крешник Бектеши министер за економија.
Поради влошената финансиска состојба угостителите но и претставниците од останатите сектори кои го изразуваат незадоволството преку протести бараат да им бидат стопирани обврските околу плаќањето на кредитите во банките.
Иле Петревски