Царот Борис Трети Обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите, напиша на својот фејсбук-профил европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, како одговор на изјавите на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за отворањето на клубот, кој го носи името на бугарскиот монарх, сојузник на Хитлер за време на Втората светска војна.
„Ова, господине Османи, не е провокација туку факт. Години на коминтернски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: ‘Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, напиша Џамбаски на Фејсбук.
Османи во саботата го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а еден ден порано и изјави дека тоа оди на штета на бугарската заедница во земјава. Тој додаде дека МНР не добило покана да оди на отворањето, но и доколку добиело немало да ја прифати.