Тутунопроизводителите од Пелагониско трет ден го блокираат магистралниот пат Прилеп – Градско. Не остатпуваат од своите барања – реална проценка на тутунот и најмногу пет отсто одбитоци, но дополнително бараат и Сојзуот на земјоделските здруженија да ги повлече поверениците од вагите.
Како што најавија, денеска на блокадата на патот на излезот од Прилеп кај Заполшкиот мост каде што се од 10 часот, ќе останат до 16:00.
Според Васко Јосифовски од Иницијативниот одбор на тутунарите за протести, и по неколкуте средби со министерот за земјоделство, откупувачите продолжуваат „по старо“ и покрај договореното. Им даваат на тутунарите повеќе од мизерни цени.
-И денеска го блокираме магистралниот пат со една цел – да постигнеме колку што е можно пореална процена на тутунот. Сведоци сме дека оние проценки кои сега се даваат за нас се мизерни. Еве имам доказ, една пресметка, каде на тутунарот цел род му е проценет буквално во четврта класа. Нема ниту конците да ги плати, а камоли за живот. Разговаравме неколку пати и со министерот за земјоделство и со откупувачите, се договаравме на маса да тргне проценката пофлексибилно, за другиот ден да биде уште полошо. Додека ние мрзнеме тука на протест, се носи тутунот, а очигледно удел има и Сојузот на земјоделските здруженија. Јавно го повикувам претседателот на Сојузот, Стомнароски, да ги повлече поверениците од вагите за да не страда народот. Дозволете ни да може да живееме, изјави Јосифовски.
Надеж дека може да се реши ситуацијата имаат во, како што рекоа, најавената попладневна средба во Прилеп со министерот за земјоделство Хоџа и откупните фирми. Но, според Тони Ангелески од Иницијативниот одбор, нема да отстапат од писмените гаранции.
-Ќе имаме попладне средба со министерот и со откупувачите. Што и да ветат, ќе бараме тоа да биде писмено. Се надеваме, а и сакаме да има договор, но во спротивно ќе имаме помасовни протести и ќе ги блокираме откупните претпријатија, како последна можност. Но, ние сакаме позитивен исход, рече Ангелески.
Паралелно со протестите на производителите, се одвива откупот на тутунот на пунктовите.
Министерот Хоџа, пак, денеска од Кавадарци порача дека очекува решение од попладневната средба во Прилеп. Според него, во моментов има две вистини. – Треба да ја најдеме средината на една вистина и мислам дека ќе има поместување, истакна Хоџа.