Турски обвинители почнаа истрага против дански и холандски политичари под обвинение за поттикнување омраза и непријателство во јавноста и за навреда на верските вредности, јави агенција Анадолија.
Овој потег уследи откако данско-шведскиот екстремист Расмус Палудан минатата недела во два наврати запали примероци од Куранот, прво пред Турската амбасада во Шведска, а потоа и пред џамија во Данска.
Едвин Вагенсвелд, крајно десничарски холандски политичар и водач на исламофобната група „Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот“ (PEGIDA), искина страници од примерок на Куранот во Хаг, а потоа, како што е објавено на интернет, ги запалил искинатите страници во тепсија, потсетува агенцијата.
– Осомничените извршиле дела на јавно поттикнување јавна омраза и непријателство кон светите вредности на исламската вероисповед, Куранот и Пратеникот на исламот, и отворено ги навредуваа верските вредности што ги застапува дел од луѓето, се наведува во соопштението на обвинителите во Анкара.
Многу муслимански држави, а особено Турција, жестоко реагираа поради тоа што надлежните власти дозволија палење на Куранот. Во Турција и во многу други држави се одржаа протести по сквернавењето на Куранот.