Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Анкара може да се согласи Финска да влезе во НАТО, но не и Шведска.
Тој синоќа повторно го критикуваше одбивањето на шведските власти да екстрадираат десетици луѓе наводно, како што тврди, поради поврзаност со курдските милитантни групи и други критичари на неговата влада.
„Ако сакате да се приклучите на НАТО, ќе ни ги вратите овие терористи“, вели Ердоган.
Во својот говор синоќа тој рече Турција можеби ќе даде поинаков одговор за Финска, додека Шведска ќе биде шокирана.
„Ние ѝ дадовме на Шведска список од 120 лица и им кажавме да ги екстрадираат тие терористи“, рече турскиот претседател.
Овие негови коментари во кој најавува поинакво третирање на апликациите на двете држави доаѓаат неколку дена откако Турција ги прекина разговорите за нивно прифаќање како членки на Алијансата. Тоа беше поттикнато од серија протести во Стокхлом, вклучувајќи го и оној на кој во близина на турската амбасада беше запалена копија од Куранот.