Сузана Милиќ, мајка на Михаела, сопруга на Горан, другарките велат Љубов ѝ е второ име, зашто сè што прави во животот е од љубов и со љубов, така и готви.
Сузана Милиќ е сопственична на „Валијант“ (секс-шоп), бренд кој со години ги руши табуата во нашата земја. Работела на ТВ-проекти, пишувала колумни, а веќе 20 години е менаџер за продажба. Готвењето за Сузана претставува љубов, топлина, дом, потреба, хоби и релаксација.
– За да зборуваме за убава храна, основно е да биде вкусна и да добиете потврда од оние кои ја консумираат, тоа подразбира вистински избор на зачини кои треба да се избалансираат за да се почувствува она м-м-м. Факт е дека кога принесуваме храна на маса, прво јадеме со очите, затоа подготвената храна треба да наликува на приказна со целосна композиција. Желба да готвам сум имала од малечка и мајка ми ме поттикнуваше и ме подучуваше, особено на традиционалните јадења. Задоволство е кога слушам комплименти, но за таква титула треба сериозна посветеност, вели Сузана, која ја сака нашата традиционална кујна, но сака и да експериментира, а нејзини најголеми фанови и судии се нејзиното семејство.
Макало со грав
Состав: 200 гр варен грав, 20 варени суви пиперки (благи и лути по желба; исчистени и излупени), 100 гр салца (доматно пире), 5 чешниња лук, 50 мл зејтин, зачини по желба (сол, бибер, буковец, магдонос). Основна алатка: толчник. Сите состојки едно по едно ги ставаме во сад, работиме со толчникот, ставаме зачини и на крај врз смесата се става загреаниот зејтин.
Крем десерт со костени
1кг костени се варат (околу 20 мин.), потоа се чистат и се блендираат. Во 150 мл млеко ставив 50 гр путер и 50 гр шеќер да се растопат. Течната смеса се додава во костените и се меша убаво. Во посебен сад се мати 125 мл слатка павлака со една лажица екстракт од ванила и една лажица рум. Двете смеси се спојуваат и пирето е готово. За декорација употребив шлаг со вкус на ванила и ситно сецкано чоколадо. Кремот го ставаме да се лади во фрижидер два часа.
Потаж – вкусна, посна крем чорба
1 главица кромид, 2 чешниња лук, 1 тиквичка и 1 страк праз ги сечкаме ситно и ставаме да се пржат на маслинов зејтин. Потоа додаваме 300 гр сечкани шампињони, 300 гр сечкани моркови, 300 гр брокула, 300 гр сечкани компири, 1,5 л вода и две коцки зеленчукова супа. Смесата се вари околу 20 минути, на крај додаваме зачини – бибер, сол, либански зачин, ѓумбир во прав и магдонос, ставаме во блендер и чорбата е готова.