Рената Трајчевска е експертка по италијански јазик, дописничка е на италијанската државна агенција АНЅА, за која работи веќе 20 години, и судски преведувач. Италијанските специјалитети, и традиционални и модерни, доминираат во нејзината кујна, а рецептите ги знае на „мало прсте“.
– Првите мои обиди да подготвам италијанска паста беа смешни, но затоа од ден на ден се подобрував, се усовршував и денес можам да подготвам солидна италијанска паста, лазањи и пред сè многу десерти. Со успех ги подготвувам традиционалните италијански рецепти за благи десерти кои, во споредба со нашите, се многу поедноставни, не бараат многу состојки, а се приготвуваат брзо. Едноставно, секој би можел да ги направи, вели Рената и ни презентира 3 рецепти кои ќе ве освојат „од прва“.
Путер колачиња со какао и кафе
Намирници: 225 гр брашно, 25 гр какао, 130 гр путер, 130 гр шеќер, 1 јајце, 40 мл кафе.
Прво се мати путерот со шеќерот, потоа се додаваат јајцето и кафето, на крајот се додава брашното и какаото. Малку е тешко за работење бидејќи тестото е лепливо и меко. Измерете 25 парчиња по 20-на грама и направете топчиња. Ги редите во плех на хартија за печење, а пред да ги ставите во рерна, во средината на секое топче притискате со лажичка намачкана во путер. Печете 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени.
Печен чизкејк со маскарпоне и јагоди
За подлога: 180 гр бисквити мелени, 100 гр растопен путер, се формира текстура жив песок, се натапкува на калап со обрач бр. 22 и се става во фрижидер 10 минути.
Смеса за чизкејк што се пече: 3 јајца, 130 гр шеќер, 1 лимон – рендана кора,
1 ќесичка ванилин шеќер, 250 гр маскарпоне, 100 гр урда, 250 гр овошен јогурт од јагода, 70 гр брашно.
Се двојат белките од жолчките, белките во еден сад ги матиме во цврст снег и ги оставаме настрана. Жолчките со шеќерот и ренданата кора се матат да станат пенливи. Се додава маскарпоне, урда и овошен јогурт (сите на собна температура) и се мати сè заедно неколку минути со миксер за да се изедначи, на крајот се додава брашното. Се истура врз подлогата и се пече во загреана рерна со вентилатор на 165 степени, 50 минути, а во статична рерна исто така 50 минути, но температурата треба да биде за десет степени повисока. Се гаси рерната и се остава чизкејкот во исклучената рерна да отстои уште 10 минути.
Прелив: 250 гр свежи јагоди се мијат и сечкаат, се прелеваат со сок од еден лимон и три лажици шеќер, се варат пет до шест минути и се оставаат да се оладат.
Кростата со рикота и чоколадни капки со вкус на портокал и јагоди
Состојки за тестото: 350 гр брашно, 90 гр шеќер во прав, 2 јајца средна големина, 80 мл масло, 1 лажичка прашок за печиво.
Состојки за полнењето: 350 гр урда, 1 јајце, 50 гр чоколадни капки, 50 гр шеќер во прав.
Подготовка (за тестото): Се мешаат јајцата со шеќерот и ренданата кора од лимон, маслото, се додава брашното и се формира топка. Се подмачкува модла 24 см и се сука тестото за да го обвитка целиот калап и страните. Се подготвува полнењето мешајќи ја урдата со шеќерот и јајцето се додаваат капките. Откако ќе се префрли полнењето во калапот се порамнува и се украсува со ленти по желба. Се пече на 180 степени околу 35 минути.