По пропаста на СВБ и Банката Сигничер, американските власти преземаа драстични мерки за да спречат можно прелевање на кризата. Но, факторите кои придонесоа за банкрот на овие две банки, на Европејците не им даваат мир, пишува Дојче Веле.

Но, тешко дека банкротот на банката ќе предизвика толку длабока и болна финансиска криза каква што следеше по банкротот на Леман брадерс во тоа време. Конечно, американските власти брзо направија исчекор и таквата одлучна реакција на регулаторите го намалува ризикот од натамошни падови на банките, оценува Мориц Шуларик, професор по економија на универзитетот во Бон.

Како колапсот на СВБ влијае на Европејците

„Има можност за индиректно прелевање, но во моментов тоа не ни се чини како посебна закана”, рече еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони во понеделникот кога се осврна на ризиците кои може да произлезат од актуелната криза за ЕУ.

Регулаторот за финансискиот сектор во Германија, Бафин, донесе мораториум за германската испостава на СВБ, замрзнувајќи ги продажбите и исплатите. Во соопштение од Бафин се вели дека институцијата „не е системски релевантна” и оттаму „не претставува закана за финансиската стабилност”.

Брзата реакција на британската влада која посредуваше во преземањето на тамошната подружница на СВБ од страна на гигантот ХСБЦ, исто така придонесе за обезбедување на депозитите на тамошните клиенти. Европскиот банкарски индекс кој ги следи големите европски банки, иницијално забележа пад во вторникот, но потоа се стабилизираше и порасна за 2,7%. Во понеделникот беше забележан најголем пад на индексот за повеќе од една година, откако се прошири страв од прелевање на кризата.

„Значајна разлика меѓу американскиот и европскиот систем што ќе го ограничи прекуокеанското влијание, е тоа што депозитите на европските банки се постабилни”, се вели во соопштение од „Мудис”.

Германскиот стартап сектор допрва треба да покаже дали ќе има поголеми проблеми од колапсот на СВБ која главно опслужуваше технолошки стартап компании.

Извор: Дојче Веле